За половина денар се зголемува малопродажната цена на ЕУросупер БС-98. Малопродажните цени на Еуросупер БС-95 и дизелот остануваат непроменети, одлучи Регулаторната комисија за енергетика.
Новата цена на Еуросупер БС-98 ќе изнесува 80 денари за литар. Според одлуката на РКЕ се зголемува цената на мазутот и таа ќе изнесува 40,8 денари за килограм.
Просечната цена на сурова нафта на светскиот пазар во изминатиот 14-то дневен период изнесуваше 101,066 долари за барел и е за 0,39 отсто повисока од просечната цена на сурова нафта по која беа формирани тековните цени на нафтените деривати.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот 14-то дневен период изнесуваше 47,25 денари за долар и е за 0,18 отсто повисок од курсот на доларот по кој беа формирани цените.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со изминатиот четиринаесетодневен период бележат намалување кај бензинот во просек за околу 0,47 отсто или за 4,325 долари за тон, кај дизелот намалување во просек за околу 0,75 отсто или 6,30 долари за тон и кај мазутот зголемување во просек за околу 0,57 отсто или за околу 3,263 долари за тон, поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно прилагодување.