Целосната замена на хартиените билети со електронски картички во автобусите на ЈСП и во приватните автобуси ќе почне од 1 септември. Првично од јавното претпријатие беше најавено дека рокот за целосна замена на системот за наплата е 1 мај, но потоа се пролонгира поради дополнителни преговори меѓу градските и приватните превозници. Со новиот систем цената на возење со приватен автобус ќе поскапи за 10 денари, наместо 25, едно возење ќе чини 35 денари.
Во автобусите во главниот град сè уште функционира стариот систем на наплата. Во градскиот превоз се вклучени апаратите за електронските билети, додека во приватните автобуси апаратите се инсталирани, но не функционираат.
Од ЈСП велат дека целосната замена на билетите ќе почне од септември, односно кога приватните превозници ќе се приклучат кон единствениот систем за наплата.
Ова значи дека граѓаните што нема да извадат електронска картичка, сепак ќе може да платат кај возачот, но тој нема да дава билети како досегашните, туку ќе издава фискална сметка. Едно возење во автобусите на ЈСП и во приватните ќе чини 35 денари.
Со системот за електронска наплата, односно со воведувањето таканаречени „паметни“ билети, од ЈСП очекуваат да се скрати времето на влегување на патниците во автобусите. Од ЈСП напоменуваат дека со овој систем значително ќе се намали обемот на работата на возачите на автобусите кои во моментов покрај нивната основна дејност – возењето, мораат и да продаваат билети.
Постојат два вида картички: „скопска“ и „моја скопска“ или персонализирана, која е замена за слободната карта. Изработката чини 200 денари, а изработката на обичната „скопска“ е 150 денари. Нивната важност е 10 години.
Цената на билетот за едно возење останува 35 денари. Останува иста и цената на ноќното возење, 40 денари, а има намалување на месечниот билет на 1.400 денари, кој за првата зона чинеше 1.650 денари. Има намалување на годишните билети од 16.060 денари на 15.400 денари. Со новиот тарифник годишниот билет ќе важи точно една година од датумот кога е изваден, а не како досега, до крајот на годината без оглед кога е изваден.
Со новиот систем е воведен билет за менување автобуси, кој ќе биде со важност од час и половина, чија цена е 60 денари. Исто така, воведен е и дневен билет за неограничен број возења од 5 часот изутрина до полноќ, кој чини 120, односно 150 денари во зависност дали е во прва или во втора зона. Воведен е и тримесечен билет со цена од 4.000 и 4.500 денари и шестмесечен од 7.800 и 8.600 денари.