Голем број на музичари, колеги, роднини и пријатели денеска се простија за последен пат од нивниот сакан музичар и градски легенда, Ацо Конга.
Каролина Гочева заедно со нејзините менаџери Бобан Милошевски и Филип Николовиски од „Аволон продукција“, музичарите Џина Папас-Џокси, Мики Јовановски-Џафер, диритентот Саша Николовски-Ѓумар и колегите од „Нокаут“, Никола Перевски-Пере, Владимир Крстевски-Франц и Кире Колемишевски се простија од својот колега.
“Замина еден вистински џентлмен од стар ков, виенска школа. Секогаш знаеше на дамите да им бакне рака, беше искрен и срдечен со луѓето. Не се заборава времето кога беше сопственик на ресторанот ‘Стари скопјани’.
Знаеше да ги пречека сите гости на влезот од ресторанот, да им подари насмевка и убав збор. Бевме семејни пријатели повеќе од 30 години.
И нашите татковци, како стари скопјани, беа пријатели. Освен што беше успешен музичар, беше и добар музички менаџер, што, морам да признаам, на нас, музичарите, многу не ни оди од рака”, се сеќаваше Драган Вучиќ на Ацо.
Конга беше дел од “Нокаут” од основањето во 1997 година до 2002. Од него се прости и претседателот Ѓорѓе Иванов со сопругата Маја, како голем љубител на џез-музиката, која беше дел и од животот на Ацо.
“Беше прекрасен човек, секогаш добронамерен и полн со позитивна енергија. Вечно ќе ги паметам соработката со него и советите што ми ги даваше”, ни рече поранешниот поп-пејач Сашо Спасовски, чиј менаџер беше Конга неколку години.
Ацо зад себе остави сопруга, ќерка и син.
Извор/ Фото: Вест