Постигнат договор за деблокада на законите – се отвора патот за техничка влада


Откако вчера стана јасно дека дека владејачкото мнозинство и опозициската ВМРО-ДПМНЕ постигнале договор за деблокирање на дел од законите од 123. седница, а за в сабота е најавена средба меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски се отвора патот за формирање на техничката Влада.

Премиерот Зоран Заев изминатите денови неколку пати најавуваше дека избори нема да има на 12 април, а тој нема да поднесе оставка, доколку опозицијата не ги одблокира законите од кои зависат платите, пензиите и инвестициите. Тој посочи дека избори во 2020 година ќе има, но дали тие ќе се одржат на 12 април ќе зависи од пристапот на опозицијата кон Собранието.

Претседателот на Собранието Талат Џафери вчера излезе со изјава дека владејачкото мнозинство и опозициската ВМРО-ДПМНЕ постигнале договор да бидат усвоени сите законски предлози од 123. собраниска седница, кои се врзани со примена од 1 јануари.

Опозициските пратеници до завчера попладне со долги говори и реплики речиси и да ја блокираа оваа седница. Сто дваесет и третата седница продолжува денеска, а неа треба да бидат донесени околу четириесетина закони врзани со рок, односно со примена од 1 јануари, меѓу кои и од сферата на финансиите, социјалата и здравството. Другите точки од оваа седница на дневен ред ќе бидат разгледувани по Нова Година.

Сепак, во Собранието информираат дека согласност нема за носење на некои од клучните закони, како Законот за одбрана, на пример. Џафери е дециден дека пораката до НАТО за неносењето на Законот за одбрана не го праќа Собранието, туку политичките партии.

Џафери вчера рече дека изборите не можат да бидат одложени, бидејќи тие се уште не се распишани.

Во случајов, на пример, доколку премиерот не поднесе оставка, не може да се избере техничка Влада и да се одржат предвремени избори. Сепак, доколку се следи предвидената динамика, се очекува на 3 јануари да биде одржана седница на Парламентот на која би била избрана техничката Влада.

Заев и Мицкоски в сабота ќе имаат средба во Владата, откако денеска на состанок на највисоките партиски тела на СДСМ ќе биде познат техничкиот премиер. Средба в сабота ќе имаат и Мицкоски и лидерот на ДУИ Али Ахмети.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1