Полицијата трага по маж на возраст од околу 30 години, висок околу 170 сантиметри за кого според очевидци се смета дека пукал во Дилавер Бојку кој беше убиен завчера во ресторанот „Аква блу“ на плажа во Струга.
Полициски извори велат дека имаат опис на лицето по кое трагаат, но дека не станува збор за фоторобот, како што известија некои медиуми вчера. Изработката на фоторобот е сосема поинаква постапка и доколку имало такво нешто полицијата ќе ја официјализираше информацијата, но во случајов станува збор за опис на лицето кое пукало во Бојку, а за кое посведочиле луѓето што го виделе со оглед на тоа што убиството беше извршено дење, односно во попладневните часови.
Лицето кое пукало во Бојку било облечено во темна маица со куси ракави, темни кратки панталони и темни летни сандали на нозете. На главата носел бела летна капа и темни очила за сонце.
Портпаролот на охридската полиција Стефан Димоски вчера рече дека лицето пукало од непосредна близина од огнено оружје и веднаш потоа избегал од местото. По него се упатиле две лица за да го фатат и да го задржат се до доаѓањето на полициските службеници, но осомничениот и кон нив испукал два куршуми и потоа избегал.
-Напоменувам дека граѓаните на Струга и туристите можат да се чувствуваат сигурно и безбедно. Полицијата ги презема сите неопходни мерки да се пронајде сторителот и да се изнесе пред лицето на правдата- изјави Димоски.
Се шпекулира дека убиството на Дилавер Бојку е реваншизам на подземјето, но некои неофицијални информации велат дека е можно да станува збор за крвна одмазда.
Во врска со мотивот и причините за стореното кривично дело Димовски објасни дека јавноста ќе биде информирана откако ќе има „поблиски информации за можниот сторител и откако ќе се заврши разговорот со него“
Инаку, педесет и петгодишниот Дилавер Бојку пред дваесетина години беше наречен „балкански крал на проституцијата“. Од 1979 до 2001-ва година полицијата поднела 17 кривични пријави за проституција но тој прв пат,, беше уапсен и осуден во 2003-та година.
Дилавер Бојку беше осуден на затворска казна од 3 години и 8 месеци за кривичното дело посредување во проституција, но во 2003 година избега во близина на затворот во Струга. Подоцна, односно после две недели беше фатен во координирана акција со црногорските власти и македонското Министерство за внатрешни работи во Улцин, Црна Гора, по што беше екстрадиран во Македонија.
Кога излегол од затвор почнал легален бизнис во туризмот и угостителството.