Меѓу настраданите и повредените во вчерашниот терористички напад во Ница има голем број на деца.
Според неколку светски медиуми, во терористичкиот напад животот го загубиле дваесетина деца, додека министерот за внатрешни работи на Франција, Бернар Казнев, тврди дека настрадале неколку деца, но не го прецизира нивниот број. Постојат податоци дека две деца починале по приемот во болница.
– Две деца починаа за време на хируршката интервенција од здобиените повреди – соопшти болницата и додаде дека неколку деца и понатаму се во критична состојба.
Татко и син од САД се првите идентификувани жртви на нападот во Ница. Станува збор за Шон Коупланд и неговиот син Броди од Тексас.
Владата на Франција денеска обезбеди психијатриска помош за сведоците што ги гледале ужасните сцени на шеталиштето во Ница.
Меѓу очевидците имало и голем број на деца.
– Видов мртви луѓе и море. Видов лош човек преку прозорецот на автомобилот – вели петгодишниот Скандер, кој нацртал што видел.
Уште е неизвесна судбината на цело едно одделение од германското основно училиште „Паула Фирст” од Берлин, кое во моментот на нападот се наоѓало на екскурзија во Ница.
Извештаите на германските медиуми велат дека најмалку три лица со германско државјанство загинале во нападот.
– Сè што можам да кажам е дека во Ница имало едно училишно одделение, во овој момент немаме повеќе информации. Барам повеќе разбирање, а ние ќе ги известиме родителите преку медиумите – рече службеник од германското министерство за образование.