Потресна фотографија на којашто се гледа телото на момченце исфрлено од морето на плажата крај познатото турско летувалиште Бодрум, ги преплави социјалните мрежи откако беше објавено дека дванаесет лица за кои се верува дека се сириски бегалци се удавиле настојувајќи да стигнат до грчкиот остров Кос.
На првата фотографија се гледа безживотното тело на момченцето во црвена маичка и куси сини панталони со лицето свртено кон песокот во близина на Бодрум, а на другата како турски полицаец го носи кревкото телото.
Со ознаката „човечноста исфрлена на брегот“ корисниците на Twitter ја споделуваат оваа потресна фотографија.
Две пловила во коишто имало вкупно 23 луѓе, одвоено испловиле од неутврдени места на полуостровот Бодрум, изјави висок офицер на турската морнарица за агенцијата Dogan.
Меѓу смртно настраданите се пет деца и една жена. Седум лица се спасени, а две до брегот успеале да допливаат благодарејќи на појаси за спасување. Припадниците на турската крајбрежна стража велат дека шансите да бидеа спасени уште две лица кои се сметаат за исчезнати се сé помали.