Трите тешко повредени лица во вчерашната несреќа во фабриката за пиротехнички средства во Сопиште се уште се во животозагрозувачка состојба, информираше министерот за здравство Никола Тодоров.
– Сите тројца пациенти се уште се во животозагрозувачка состојба на респиратор и ја примаат неопходната терапија за ваков вид случаи како што се инфузии, хидрирање, обезбедување доволно течност што е основно за да се одржат во живот, изјави денеска Тодоров.
Двајцата пациенти кои синоќа се донесени во Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ се со многу тешки и длабоки изгореници од трет степен и се во животозагрозувачка состојба. Со изгореници е зафатена голема површина од телото и дишните патишта заради што веднаш се ставени и дишат на респиратор.
Лекарите прават максимални напори за одржување на нивните витални функции.
Жената која што е однесена на КАРИЛ е во многу тешка животозагрозувачка состојба со изгореници од четврти степен. Се врши постојан мониторинг на здравствената состојба на пациентката и се прават напори за одржување на виталните функции зашто е зафатена голема површина на телата, вклучувајќи ги и дишните патишта и други внатрешни органи.