Пожарот кај Kондово целосно ставен под контрола EВН ја врати електричната енергија во селото


Жителите на скопско Кондово цела ноќ останаа без сон. Огромни пламени јазици вчера доцна попладнето се заканија да го пеплосаат селото на излезот од Скопје кон Тетово. Неколку часа гореше квалитетна борова шума но и ниско-стеблеста вегетација во пределот над скопската обиколница. Жителите во паника почнаа да ги напуштаат своите домови. Цели семејства се движеа по темните улички откако поради безбедносни причини беше исклучена струјата. Од далеку гледаа и чекаа во надеж дека огнената стихија нема да ги проголта нивните домови. Во меѓувреме, силниот ветер го распламтуваше огнот на околните ридови.

Од Град Скопје велат дека на терен веднаш излегле 40 пожарникари со повеќе возила а се користела и механизацијата и луѓе од скопските јавни претпријатија. Но на непристапниот терен беше невозможно да се дојде со возило, па месното население само се организираше и со лопати го гасеше пожарот кој се разгоруваше на ридот до скопската обиколница.

Во раните утрински часови пожарот беше ставен под контрола. Пожарникарите успеаја да го сменат неговиот правец на движење и да го оддалечат од најблиските куќи. Утрово дождот ја заврши останатата работа. Јагленосаните дрва сведочеа за пеколната ноќ. Граѓаните на Кондово се вратија во своите домови кои за среќа, останаа подалеку од пламените јазици.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1