Негативни се резултатите на Ковид 19 на лицата кои биле во иста соба со заболениот 85-годишен пациент кој бил сместен во Домот за стари лица „Сју Рајдер“ од Битола. Од Центарот за јавно здравје информираат дека првите пристигнати три резултати се негативни, а се очекуваат резултатите од земените брисеви на уште околу 20-тина лица од домот, вработени и пациенти.
Инаку 85-годишниот пациент бил сместен во Домот на 18 март. Откако појавил симптоми на покачена температура и кашлица,на 2 април бил хоспитализиран во Инфективното одделение на Клиничката болница во Битола. Резултатите на 4 април покажале дека е позитивен на Ковид 19. Веднаш откако е добиен позитивниот резултат, земени се брисеви и од лежечките болни кои се наоѓале заедно во истата соба со него, додека вработените кои биле во контакт со него се ставени во домашна изолација. Од страна на епидемиолошката служба се преземени мерки, односно извршена е целосна дезинфекција на Домот за стари лица.
Пациентот моментално се наоѓа во добра состојба и е стабилен.
-Пациентот е се уште на Инфективното одделение во Клиничката болница, со релативна лесна слика, со оглед на возраста која е најризична група и заради условите и другите пациенти во домот, нема да се врати, останува на натамошно лекување, изјави прим.д-р Елизабета Крстева, директор на Центар за јавно здравје Битола.
Пациентот се претпоставува дека претходно е заразен од внука која дошла од Германија, а дента кога е донесен немало забрана за да биде примен во Домот, објаснува д-р Крстева.
-Сето тоа се случило многу пред да биде Германија на црвената листа, таа дошла многу пред тоа, сите шпелукации после проверката на епидемиолозите се отфрлаат. На 18 март кога е донесен во Домот за стари лица, воопшто немало забрана за да може да биде примен, ништо не е прекршено во тој поглед, вели д-р Крстева.
Инаку 85-годишниот пациент е најстариот регистриран заболен од коронавирус во Битола. Најмладиот позитивен е петгодишно дете. Сите осум заболени се од Битола, додека во другите градови кои ги покрива Центарот за јавно здравје Битола, Ресен Демир Хисар и Кичево, се уште нема заболени. Освен пациентот од Домот за стари лица, останатите седум лица се на домашно лекување и скоро сите се со лесна клиничка слика, велат од Центарот за јавно здравје Битола.
Sitel.mk