Народните избраници денеска ја продолжија работата по неколкунеделната пауза поради одржувањето на локалните избори. Во Собранието се одржа координација на пратеничките групи, но на неа не присуствуваше опозицијата.
Пратениците од СДСМ, НСДП и другите опозициски партии не учествуваа ниту во работата на собраниските комисиите. Од СДСМ најавија дека во текот на денот ќе соопштат зошто не присуствуваа на седниците на комисиите.
Седници денеска одржаа комисиите за транспорт, врски и екологија и за политички систем и односи меѓу заедниците, а попладне ќе одржат и оние за надворешна политика и за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.
Претседателот на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците Илија Китановски рече дека се надева оти опозициските пратеници ќе дојдат и ќе учествуваат во работата на Собранието.
MIA