Потрагата по авионот на „Малезија Ерлајнс“ со ознаки MH370 е завршена денес без никакви траги од леталото кое исчезна во 2014 година со 239 патници и членови на екипажот, објавија денес трите држави кои учествуваа во потрагата.
Локацијата на овој авион стана една од најголемите мистерии на авијацијата по неговото исчезнување на рутата Пекинг-Куала Лумпур, јавува Ројтерс.
-И покрај сите напори и користење на врвна технологија, авионот не е пронајден, се наведува во соопштението на властите од Малезија, Австралија и Кина.
Последниот брод кој трагаше по авионот денес го напушти подрачјето кое го пребарувал, откако се пребарани 120.000 квадратни километри од дното на Индискиот океан, подрајче кое беше во фокусот на потрагата која траеше речиси три години.
Малезија, Австралија и Кина во јули се договорија за прекин на потрагата доколку авионот ме се најде или не се откријат нови докази кога ќе биде истражено наведеното подрачје. Австралија минатиот месец ги отфрли препораките на истражувачите потрагата да се премести на малку посеверно подрачје, со образложение дека не се пронајдени нови докази кои го поддржуваат тоа барање.
Групата „Voice 370“ која ја сочинуваат членови на семејставата на исчезнатите лица преку соопштение наведуваат дека истражните органи не може да ги остават работите нерешени.
-Сметаме дека проширувањето на потрагата на ново подрачке, кое го означија експертите, е неизбежна должност која моа да се изврши во интерес на јавноста која се грижи за сигурноста на летањето, велат од групата.
Единствени потврдени траги од авионот кои се најдени се три делови од леталото кое морето ги исфрлило на брегот Мауруциус, на францускиот остров Реунион и на остров на брегот кај Танзанија.
Уште 30-тина делови се пронајдени на плажите во Мозамбик, Танзанија и Ју-на Африка за кои постојат сомнежи дека се дел од авионот на „Малезија Ерлајнс“.