Премиерот на Норвешка, Јенс Столтенберг помина цело попладне работејќи инкогнито како таксист. Столтенберг објасни дека сакал да го слушне вистинскиот глас на норвешките гласачи и утврдил дека таксито е едно од најсоодветните места каде што луѓето ги споделуваат своите ставови, соопштува БиБиСи.
Премиерот носел очила и униформата на таксистите во Осло. Тој го откривал идентитетот, само кога патниците успевале да го препознаат.
Во автомобилот имало и скриена камера, која ги запишала реакциите на патниците.
Премиерската авантура била во јуни, а од кадрите на скриената камера е направен и филм.
-За мене е многу важно да се слушне она што навистина мислат луѓето. И ако има место каде што тие откриваат за што мислат најчесто, тоа е таксито – објаснува Столтенберг.
На никој од патниците не му било наплатено за превозот.