Средношколката Симона Трајковска, вели дека минатиот петок дошло до физичка пресметка помеѓу неколку ученички од различна етничка заедница.
Учениците од гимназијалските македонски паралелки од хемиското училиште „Марија Кири Сколодовска“ денеска протестираа пред училиштето затоа што минатиот петок на еден ученик му падна дел од плафонот врз глава и затоа што професор по физичко удрил една ученичка.
Средношколката Симона Трајковска, вели дека минатиот петок дошло до физичка пресметка помеѓу неколку ученички од различна етничка заедница. Но, при обидот да ги раздели професорот по физичко удрил едно девојче.
„Денешниот протест е поради тоа што професор по физичко удрил наша соученичка и поради несоодветните услови за учење. Минатиот петок му паднал плафон на еден наш соученик, но за среќа немаше некои сериозни повреди. Но, во иднина може некој да настрада ако повторно му падне плафон врз глава“, вели Трајковска.
Професорот по физичко Флорен Шабани, кого учениците го обвинуваат дека удрил едно девојче кратко изјави: „Не ја удрив, само и ја затворив устата со ливче затоа што пцуеше и навредуваше“.
Наставникот по физичко: Не ја удрив, само ѝ ја затворив устата со ливче, зашто ме пцуеше
Директорот на училиштето Павле Павлов изјави дека е запознаен со проблемот, но не може да каже што ќе се преземе во врска со случајот, бидејќи се уште не е формирана дисциплинска комисија. Откако ќе разговара со сите инволвирани учесници во настанот ќе каже каква казнена мерка ќе се спроведе согласно законот.
„Дисциплинската комисија ќе донесе заклучок откако ќе се сослушаат сите инволвирани во настанот. Меѓуетнички тензии нема. Што се однесува до плафонот тоа е несреќен случај, еве и кај мене дома пропушта вода од силниот дожд и ветер што беше пред некое време.
Имаме друг проблем со недостаток од соодветни простории за учење. Имаме многу паралелки, а малку училници“, вели Павлов. Директорот вели дека за овој проблем се известени и Министерството за образование и во наредниот период ќе се среди, со тоа што ќе се дисперзираат албанските паралелки во новото училиште што се гради во Сарај.