Основниот суд Охрид на повтореното судење, ја потврди казната доживотен затвор за Бојан Петрески од Охрид, обвинет за двојното убиство што се случи во угостителскиот објект „Император“. Убиството се случи во август 2014 година во Охрид кога беа убиени Ромео Ѓизелоски (38) и Васил Ристески (56), објави Охридњус.
Судот го прогласи виновен Бојан Петрески и за второто дело недозволено поседување оружје и распрскувачки материјали, за што му одреди казна затвор од 5 години, осносно севкупна казна доживотен затвор.
Овој судски процес беше вратен од Апелацискиот суд на повторно судење со забеле[ка дека не е извршено медицинско-судско вештачење на психолошката состојба на обвинетиот. Судечкиот совет при Основниот суд во Охрид со кој претседаваше судијката Билјана Белеска Пројкоска, појасни дека при носењето на повторната одлука судот целосно го зел предвид стручното вештачење кое покажало дека обвинетиот во времето на извршување на делото бил здрав и пресметлив.
– Казната не е одмазда, таа е соодветен одговор и санкција за стореното дело и за предизвиканите последици. При изрекување на казната, за која ние како судски совет долго разговаравме, земени се предвид сите аспекти по однос на висината на казната, земени беа во предвид сите изнесени докази, но и однесувањето на обвинетиот во текот на главната расправа, кој тогаш упати јавни закани пред присуство на сите нас – рече во образложението на одлуката судечкиот судија Билјана Белеска Пројкоска.
Таа напомена дека изречената казна доколку биде потврдена од повисаките инстанци, не значи дека осудениот доживотно ќе остане во затвор и дека нему му стојат на располагање правни механизми доколку го промени своето однесување. Осудениот ќе треба да ги плати судскит трошоци за процесот, а оштетените во случајот судот ги упати да поднесат побарувања во граѓанска постапка.