Нови морничави информации излегоа на површина за авионската несреќа на експедицијата на Чапокоензе, откако беше обелоденето дека дефанзивецот Нето ја сонувал несреќата 24 часа пред кобниот лет. Нето, кој е еден од тројцата преживеани фудбалери на бразилскиот клуб, потоа не сакал да патува за Колумбија, за на крајот да биде убеден од остатокот од тимот поради значењето на финалниот натпревар.
– Кога ќе биде во состојба – Нето сигурно ќе ви го потврди она што ќе ви го кажам сега. Ден пред несреќата тој имаше кошмар како авионот со кој лета екипата се урива. Беше видно потресен, па на сопругата и кажа дека не планира да патува повеќе. На крајот дојде со остатокот од тимот бидејќи тоа сепак требаше да биде големо финале, сега неговиот кошмар е реалност – изјави клупскиот лекар на Чапокоензе, Мендонка.
Лекарите во клиниката во Колумбија решија да му ја кажат вистината на Нето за авионската несреќа, откако првите зборови на дефанзивецот биле прашање како завршило големото финале. Најпрвин ставот на лекарскиот тим беше дека вистината може дополнително да ја искомпликува неговата состојба, но на крајот сепак била донесена одлука тој да дознае што навистина се случило за време на кобниот лет.
– Тој ги забележа бројните модринки на телото, рацете и на нозете и почна да се сомнева. Стана премногу нервозен и инсистираше да му се каже вистината, по што психологот во болницата заедно со неговите најблиски му соопшти што всушност се случило. Разговорот траеше повеќе од два часа – соопштија од лекарскиот тим.