Џозеф Хирт, кој денес има 91 година, од Пенсилванија, призна дека лажел дека бил затвореник во концентрациониот логор Аушвиц.
Хирт со години тврдел дека нацистите го одвеле во логорот, а зборувал дека и оттаму успеал да побегне. Меѓутоа, тој во петокот призна, во писмото што го испрати до локалните весници, дека приказната ја измислил и ѝ се извини на јавноста.
„Го пишувам ова денеска за јавно да се извинам поради штетата што ја направив кога се вметнав себеси во описот на животот во Аушвиц. Јас не бев затвореник таму. Немав намера да ги намалам или фрлам во сенка настаните кои навистина таму се случиле со тоа што лажно тврдев дека и лично сум бил вмешан. Згрешив. Барам прошка. Тогаш одлучил да направам сè што можам за да го спречам заборавот за вистината за животот и смртта во Аушвиц“, напишал Хирт.
Тој со години држеше јавни говори за неговото наводно искуство за време на Втората светска војна и зборуваше за тоа како неговото семејство побегнало од Полска во Белград. Рекол дека гоуапсиле нацистите и го одвеле во Аушвиц и дека таму го сретнал мачителот Јозеф Менгеле. Хирт рекол дека успеал да побегне од под електричната ограда. Излажал и дека присуствувал на Олимписките игри во 1036 година во Берлин кога Адолф Хитлер му свртел грб на познатиот атлетичар Џеси Овенс, како и дека ги запознал Овенс и Еленор Рузвелт откако пристигнал во САД. Хирт рекол дека се плашел дека светот ќе го заборави хоророт на концентрационите логори и дека затоа лажел.
– Флагрантното негирање и игнорирање на вистината ме принуди да ги одржувам сеќавањата живи. Донесов погрешна одлука и ризикував да ја извалкам вистината која се обидов да ја споделам – рекол Хирт.
Претходно годинава историчарот Ендру Рид се посомнева во приказната на Хирт и објави текст во кој ги побива неговите изјави.Имињата на жртвите и преживеаните од Аушвиц се јавно достапни и меѓу нив го нема името на Хирт. Хирт призна дека го тетовирал затворскиот број каков што имале затворениците во Аушвиц, а тој број му припаѓал на научникот и писател Примо Леви, но дека не се обидел да го преземе неговиот идентитет туку на тој начин сакал да го сочува сеќавањето на него. Рид откри, и дека Менгеле не бил во Аушвиц во периодот пред наводното бегство на Хирт, како и многу други нелогичности.
Хирт не е првиот кој измислил приказна во врска со холокаустот. Херман Розенблат ја преживеал Втората светска војна и напишал мемоари за тоа како тогаш ја запознал својата идна сопруга, а подоцна се испоставило дека голем дел од неговата книга е измислен.