Приказната за Св. Трифун – заштитникот на лозарството


Лозарството во тиквешкиот крај има длабоки корени и богата традиција, а за тоа говорат бројните артефакти на археолошките локалитети пронајдени во овој крај, според кој може да се каже дека во Тиквешијата за оваа култура знаеле уште од пред 2500 години. За да ги зачуваат своите лозови насади уште во античкиот период лозарите од овој крај верувале во свои заштитници, во ликовите на многу богови и божества.trifun

Античките македонци за заштитник на лозарството го имале богот Дионис, а во времето на владеењето на Римјаните со овие простори таков заштитник имале во богот Бахус.

Според едно предание, големиот Александар Македонски своите војници по победите ги честел од вината произведени зад планините на неговото родно место Пела, а тоа е тиквешкиот регион. Античките македонци имале голема почит кон грозјето и виното, а во чест на богот Дионис организирале “Дионисови денови” кои траеле три дена, и кои ги чествувале сите слоеви, и богатите и сиромашните.

Со појавата на христијанството, една од најраспространетите религии, чиј основач е митската личност Исус Христос, а која се појавува во првите векови од постоењето на Римската империја, како религија на робовите и најниските слоеви од народот, лозарите свој вистински заштитник наоѓаат во ликот и делото на Св. Трифун.

Според преданието Св. Трифун е роден во 232 година од нашата ера во Камсада во Фригија-Мала Азија во многу сиромашно семејство. Уште во раното детство Трифун бил приморан да ги работи и најтешките работи за да му помогне на своето семејство, а често пасел и овци и гуски.

Како момче младиот Трифун поседувал божја благодет, со еден збор правел вистински чуда во исцелувањето-излекувањето на многу болести, како кај луѓето така кај животните и растенијата.

Во времето на владеењето на римскиот император Гордијан, тешко се разболела неговата ќерка Гордијана. Тој за да ја излекува ги повикал сите најдобри лекари во своето царство, но никој од нив не успеал да ја излекува.

Нечистиот дух од телото на Гордијана проговорил дека само Трифун може да ја излекува. Нејзиниот татко наредил да бидат повикани сите лица во царството што имаат име Трифун, и сите се обиделе нешто да сторат но никој не успеал да ја излекува Гордијана, односно да го истера лошиот дух од нејзиното тело. Меѓу лицата со име Трифун, било повикано и младото момче од Камсада, кое што само што се појавило излегол лошиот дух и девојката оздравела. Во знак на благодарност римскиот цар Гордијан многу богато го наградил Трифуна, кој по враќањето во Камсада целото богатство им го разделил на сиромашните сограѓани, а самиот и понатаму продолжил да живее сиромашно.

Во времето на владеењето на римскиот император Декие, познат по тоа што ги прогонувал христијаните, бил уапсен и младиот Трифун и бил подложен на страшни измачувања. Тој сите тие маки ги поднесува со голема храброст, а при тоа и рекол: – “Кога би можел да се удостоам да во оган од маки и страдања го завршам својот живот би бил уште порадосен во името на господ свој Исус Христос”.

Кога ги издржал сите тие измачувања џелатите го осудиле на смрт со сечење на главата во Никеа во 250 година од нашата ера. За време на својот краток живот, а живее само 18 години Трифун има испеано многу молитви, во кои го моли Господа бога да ги спаси лозјата, нивите, бавчите, овошните градини од разни инсекти, болести и штеточини.

Уште за време на својот живот Трифун ја поседувал таа божја благодет да ги чува односно заштитува земјоделските култури, а посебно лозјата.

Заради сето тоа лозарите од овие краишта го земаат Св. Трифун како свој заштитник, а празникот Св. Трифун се зема како ден на лозарите и ден кога во новата година отпочнуваат работите во лозарството и винарството.

Славењето на Св. Трифун во Тиквешкиот крај има долга традиција. Најнапред уште во раните утрински часови лозарите оделе на своите лозови насади каде го правеле ритуалот закројување со вино и ракија, при што се валкале по лозјето со желба тоа толку да роди што гроздовите од изобилие да се валкаат по земјата. Потоа славењето продолжувало во некоја од градските или селски кафани каде веселбата со свирачи и песни траела до касно во ноќта.

Со формирањето на Агрокомбинатот Тиквеш во 1946 година славењето на Св. Трифун се врши и во кругот на комбинатот и по плантажите на неговите основни организации.

Почнувајќи од 2000 година, а се надеваме и во иднина чествувањето на денот на лозарите Св. Трифун го организира Градоначалникот и Советот на општина Кавадарци, и овој ден се слави како Ден на лозарите. Во исто време чин на закројувањето на винова лоза и почеток на работите во лозарството се прави и во дворот на храмот Св. Димитрие во Кавадарци.

Кустос советник-Петре Камчевски

Fakulteti.mk

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1