Српскиот претседател Томислав Николиќ изјави доцна ноќта во понеделникот по разговорите со високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Кетрин Ештон, дека очекува договорот со Косово да биде потпишан до крајот на март, истакнувајќи дека Приштина попуштила во своите барања во врска со надлежностите на заедницата српски општини на северот во Косово.
„Приштина, којашто претходно инсистираше на секое решение (за северот на Косово- з.р) мора да биде врамено во нејзините законски рамки, попушти во своите барања, Договорот ќе биде потпишан на 20-ти или 28-ми март”, изјави српскиот претседател Томислав Николиќ по завршувањето на двои полчасовниот разговор со шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон.
Под покровителство на Кетрин Ештон досега се одржаа шест круга од преговорите меѓу српскиот премиер Ивица Дачиќ и косовскиот Хашим Тачи. Преговорите се закочија по прашањето на паралелните српски структурите во северно Косово кое е населено со мнозинско српско население. Прашањето на паралелните институции на северно Косово е најтешкото прашање коешто досега се појави во преговорите. Во досегашните разговори се утврди дека Белград и Приштина се согласуваат проблемот на паралелните институции да го решат со воспоставување на заедница на српските општини, но ставовите во целост се разликуваат кога станува збор за овластувањето на таа заедница на општините.
Следниот круг преговори е закажан за 20-ти март.