Јавното обвинителство ќе побара притвор и за 22-годишната А.Ѓ. од Скопје, второосомничена за убиството на 26-годишниот Пинета Секондо, поради тоа што по дополнителна истрага постојат сомневања дека го повикала сега починатото лице, била присутна во моментот на неговото лишување од живот и учествувала во пренесување на телото и негово криење во близина на село Љуботен, заедно со првоосомничениот Ф.А. кој е во бегство.
– По преземање истражни дејствија од страна на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, денеска е донесена Наредба за спроведување истражна постапка против второпријавеното лице за убиството на лицето П.С. Обвинителството издаде наредби до МВР за вршење дополнителни проверки и од јавниот обвинител беа испитани повеќе сведоци. Врз основа на направените проверки Основното јавно обвинителство поведе постапка и против осомничената поради постоење на основано сомнение дека го извршила кривичното дело Убиство од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик, се вели во соопштението од ЈОРМ.
Како што се појаснува во соопштението, вечерта на 11 декември 2018 година, осомничената 22-годишна жителка на Скопје го повикала сега починатиот да се најдат кај насипот во Ѓорче Петров, иако знаела дека ќе им се придружи и првоосомничениот со намера да го лиши од живот оштетениот.
Кога пристигнал првоосомничениот и со огнено оружје – пушка се заканил кон жртвата, сите тројца се упатиле со патничкото моторно возило кон атар во скопското село Арачиново. Откако пристигнале осомничените започнале вербална расправија со жртвата, по што првоосомничениот го застрелал оштетениот и го лишил од живот.
Осомничената дала придонес кон вршење на кривичното дело со тоа што го повикала сега починатото лице, била присутна во моментот на неговото лишување од живот и учествувала во пренесување на телото на починатиот и негово криење во близина на село Љуботен.
-Надлежниот јавен обвинител ценеше дека постојат околности што укажуваат на постоење опасност од бегство и на основан страв дека осомничената ќе ја попречува кривичната постапка со влијание на сведоци, поради што до Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе достави предлог за определување на мерката притвор против осомничената, се додава во соопштението од јавното обвинителство.