За вчерашните насилни настани во Собранието, во кои беа повредени неколку пратеници, во полициска станица Гази Баба приведени се осум лица со кои сè уште се работи, информираше денеска на прес-конференција помошник-министерот за односи со јавноста и за стратешки прашања при МВР, Јордан Ламановски, кој додаде дека обезбеден е видеоматеријал за идентификација и за откривање на можни сторители.
Како што нагласи помошник-министерот, по наредба на министерот Нухиу формирани се тимови кои ќе работат на целосно расчистување на случајот, а вклучен е и одделот за внатрешна контрола за утврдување подетални работи и за барање одговорност во редовите на МВР.
– Имаме сумирана бројка на повредени 83 лица кои побарале медицинска помош и тоа 25 униформирани полициски службеници, кои беа работно ангажирани, 54 цивили, тројца пратеници и еден новинар. Тројца со потешки повреди се задржани на КАРИЛ, еден на неврохирургија и еден со полесни повреди на одделението на пластика. Во болницата „8 Септември“ беа хоспитализирани шест полицајци со полесни повреди и еден новинар, кои се пуштени дома – рече Ламановски.