Приведени седум лица за нападот на двајца полицајци во Шуто Оризари


Приведени се седум лица за нападот над двајца полициски службеници во скопската населба Шуто Оризари.

Министерот на внатрешни работи Оливер Спасовски информираше дека истрагата е при крај и оти ќе бидат поднесени кривични пријави за овие седум лица.

– Се работи на препознавање на уште неколку лица што треба да бидат обезбедени и да се поднесат соодветни поднесоци – соопшти Спасовски.

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против пет лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Насилство од член 386 став 6 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

„Осомничените на 28.01.2019 година, во близина на поликлиниката во Шуто Оризари, во група заедно со други лица, извршиле грубо насилство врз тројца оштетени. Бидејќи осомничените се сомневале дека оштетените лица наводно грабнале дете од Шуто Оризари, тие ги пресретнале и насилно ги извлекле од патничкото моторно возило Хјундаи галопер без регистарски таблици. Иако тројцата оштетени им кажале дека не знаат за што се работи, а еден се легитимирал со службена легитимација и им кажал дека е вработен во МВР, петтемина осомничени физички ги нападнале, удирајќи ги со тупаници и клоци“, се вели во соопштението на ОЈО.

Притоа еден од оштетените се здобил со тешки телесни повреди и е во животна опасност, додека останатите двајца се стекнале со телесни повреди. Со ваквите дејства, осомничените кај останатите присутни предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв.

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 достави и Предлог за определување мерка притвор за петтемина осомничени.​

Инцидентот се случил кога полицајците со уште едно лице пристигнале на улицата Индира Ганди во Шуто Оризари, по што биле нападнати од група на граѓани, откако претходно малолетничка наводно видела како непознати лица насилно внеле женско лице во комбе.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1