Екс шефот на УБК Сашо Мијалков останува во притвор. Кривичен совет од скопскиот кривичен суд донесе одлука со која ја одби жалбата на адвокатскиот тим на Мијалков наведувајќи дека притворот од 30 дена ќе продолжи поради постоење на опасност од бегство
,,По произнезување на странките како и ценење на фактите и доказите во жалбата, советот донесе решение со кое ја одби жалбата и го потврди решението на судија на претходна постапка, на начин што определи мерката притвор да продолжи да опстојува поради постоење на причините предвидени во член 165 ст.1 т.1 од ЗКП.
Неговите адвокати вчера на седница барале укинување на притворот тврдејќи дека она што е наведено во решението на судијата на претходна постапка кој му определи притвор за случајот Империја, не е доволно. Тоа што имал имот во странство не значи дека ќе се даде во бегство а за нив не беа докажани ниту наводите на СЈО дека контактирал со лица во странство.
Неофицијално, во решението се наведува дека опасноста од бегство била зголемена поради контактите со лица во странство, имотот што го поседува во земјава и надвор но и можноста да влијае врз сведоци.
На Мијалков првично му беше определен притвор за случајот Тврдина – Таргет кој се однесува на масовното прислушување кој му беше укинат викендот и заменет со притвор за истрагата за случајот Империја.
Осомничените во овој случај според СЈО испрале речиси 11 милиони евра. Во оваа истрага се опфатени 13 лица и неколку фирми но од обвинителството најавија проширување на истрагата. За „Империја“ триесетдневен притвор добија и Орце Камчев, Ненад Јосифовиќ, Зорица Арсовска, Цветан Панделевски и Тодор Мирчевски.
Притворот како мерка за Мијалков, но и за други обвинети во предметите на СЈО како Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, беше активиран по бегството на екс премиерот Никола Груевски.