„Лира“,„Сушико“ и „Гурмет“ се најдобрите ресторани во Скопје за 2013 година. За најдобри гостилници се прогласени „Ѓезме кај тумба“, „Капка“ и „Дарија“.
Град Скопје и годинава во соработка со Агенцијата „Swot Research“ го реализираше проектот за избор на најдобар угостителски објект. Проектот се спроведува шеста година, а плакетите на победниците им ги врачи скопскиот градоначалник Коце Трајановски, објави МИА.
– Шести пат организираме истражување на угостителските објекти преку тајни купувачи со цел да го следиме квалитетот на услугата што ја нудат. Истражувавме 50 гостилници и 50 ресторани определени по случаен избор.
Се надевам дека преку ова истражување ќе успееме да ја зголемиме свесноста кај угостителите и граѓаните за важноста на квалитетот на услугата кон клиентите во угостителската дејност како и да го подигнеме општото ниво на квалитет во угостителските објекти на територијата на Град Скопје – рече Трајановски.
Важно е на туристите и посетителите на Град Скопје, нагласи тој да им понудиме гастрономско уживање и да го развиеме и кулинарскиот туризам. Марко Радоњиќ, директорот на Агенцијата што го спроведува истражувањето истакна дека годинава за една нијанса е опаднат процентот на успешност, за разлика од минатата. Тоа го објасни со воведување на повисоки критериуми за разлика од лани.
Додаде дека 14 гостилници и 13 ресторани оствариле високи резултати. Првпат годинава ниту еден угостителски објект не забележал ниски резултати или под 50 отсто на квалитет. Радоњиќ информира дека годинава опфатиле 100 угостителски објекти во Скопје, 50 ресторани и 50 гостилници со вкупно 300 посети. Секој објект бил посетен по трипати, а се оценуваат осум критериуми: прв контакт со вработените, хигиена на објектот, тоалет, амбиент, услуга на келнерите, општа услуга, квалитет на храната и завршен контакт со вработените.
Фото: МИА