Пронајдено е телото на 16-годишното момче од Ресен на третиот ден од исчезнувањето во водите на Преспанското Езеро. Денеска нешто пред 14 часот, тимот од осум нуркачи дел од специјалната единица на МВР кои од утрово започнаа со пребарување на теренот, го лоцираа неговото тело.
Од МВР и официјално ја потврдија информацијата. Оттаму велат дека денеска околу 14 часот во водите на Преспанското Езеро нуркачкиот тим од Единицата за специјални задачи при Бирото за јавна безбедност на МВР го пронајдоа безживотното тело на шеснаесет годишното момче од Ресен. По насоки на Јавен обвинител телото ќе биде дадено на обдукција.
Момчето заедно со уште двајца другари на 2 август се возеле на педалинка во близина на плажата во туристичката населба Претор. Според кажувањата на човекот кој прв пристигна до педалинката откако се случи несреќниот настан, двата другари кои останале на педалинката му рекле дека момчето скокнало во водата и повеќе не излегло. Сопственикот на педалинките вчера изјави дека педалинката била во исправна состојба и не се превртела.