Археолозите пронајдоа два египетски скелети постари од 3.000 години, на чии ножни прсти се наоѓаат бакарни прстени. Во моментот се уште не се знае точно дали се работи за накит или за некој вид лечење, бидејќи ова е прв ваков случај по мумијата на свештеник на која исто така беше пронајден голем златен прстен на ногата.
За разлика од него, двата скелети се остатоци на сиромашни луѓе кои не можеле да си дозволат мумифицирање. Скелетите се ископани во гробница јужно од остатоците на градот Амарна престолнина на Египет во време на фараонот на 18. династија Ехнатон.
Интересно е што прстенот се наоѓал на десното стапало на маж за кој се претпоставува дека живеел околу 35 години, а токму на таа нога е откриена фрактура на бутната коска. Затоа се смета дека можеби целта на прстенот била да ја ублажи болката или да ја излечи ногата.
Вториот скелет, за кој се смета дека е на адолесцент, исто така има прстен на ногата, но тој нема знаци на повреда.
Скелетите допрва ќе бидат детално проучени.