Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во своето обраќање на Самитот за проширувањето што го организираше „Еуроњуз“ во Брисел, отворено ги прозва европските институции и политичари за двојните стандарди во процесот на евроинтеграциите, нагласувајќи дека прашањата за македонскиот идентитет и јазик воопшто не се предмет на преговори.
Давкова истакна дека додека од македонската страна постојано се бара „политичка волја“, изостанува реципроцитетот и волјата од страна на Европската Унија. Таа децидно порача дека за идентитетот и јазикот не може и нема да се разговара, бидејќи тие прашања се веќе ставени „ad acta“.
Посебен акцент претседателката стави на европските вредности и почитувањето на меѓународното право, потсетувајќи дека ЕУ ги има потпишано повелбите на ОН и ја признава надлежноста на Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Таа го постави прашањето каков е кредибилитетот на тие судски пресуди доколку тие не се релевантни и не се почитуваат од страна на самите членки на Унијата, потсетувајќи на 17-те добиени пресуди во полза на македонското малцинство во Бугарија кои остануваат нереализирани, споредувајќи ја таа ситуација со чекањето на „господинот Годо“.








