Вина, ликери и безалкохолни пијалаци пакувани над пет литри, гуми за џвакање, шеќер, поединечни пакувања на сладолед се само дел од производите на кои не мора да прочитате рок на траење. Рокот не се запишува ниту на овошје, зеленчук или на слаткарски производи што се состојат од ароматизирани или обоени шеќери и оцет. Рок на траење на пакувањето не мора да имаат ниту белите печива и слатките што се консумираат во рок од 24 часа од нивната подготовка. Според Правилникот за начинот на означување на храната, на секое пакување со храна треба да стои датум до кога е употребливо и тоа ден, месец и година. Освен тоа, на кутијата мора да има декларација, состав, нутритивни тврдења, но и енергетска вредност и упатство за употреба.
Во Организацијата на потрошувачи на Македонија велат дека за граѓаните е многу битно да знаат до кога може да употребат одредена храна.
Според правилникот, задолжително е да се обележи храната третирана со јонизирачки зраци, а ако за пакувањето се користи гас, тоа мора да биде посебно обележано.
– Јајцата и лесно расипливите продукти мора да бидат означени дека се пакувани во контролирана атмосфера. Исто така поимот „органски“ мора да се користи само за храна произведена по тие принципи. Строго мора да се обележи и храната што содржи глутен, алкохол и слично – децидни се во Агенцијата.
Токму продолжувањето на рокот на траење на одреден производ беше една од причините за носење на правилникот за интелигентни материјали за пакување. Со него се дозволува употребата на фолија што го продолжува рокот на траење кај месото, на сунѓер што впива вишок вода кај свежото пилешко месо или на пластични кутии за јагоди што прават вакуум и го спречуваат пропаѓањето на овошјето.
– Активните материјали и производи се наменети да го продолжат рокот на употреба или да ја подобрат состојбата на пакуваната храна и тие содржат компоненти што ослободуваат или апсорбираат супстанции во или од пакуваната храна или околината на храната. Интелигентните материјали истовремено ја следат состојбата на спакуваната храна. Овде влегуваа различни фолии што впиваат вода, содржат материи што се пренесуваат во храната и го подобруваат вкусот, но и материјали што ја менуваат бојата при подолго стоење – велат експертите.
Дневник