Пристапот до куќите што се наоѓаат под остатоците од срушениот надвозник во Џенова е блокиран поради пукање на источниот крај на бетонската структура, објави денеска противпожарната служба.
Луѓето евакуирани од куќите и становите под мостот, поради претпазливост, веќе не може да се враќаат назад по своите работи, изјави портпаролот на противпожарната служба, Лука Кари.
„Од структурата на надвозникот доаѓаат звуци поинакви од оние во изминатите неколку дена“, појасни тој.
Операциите во областа ги прекинаа и пожарникарите, но ќе продолжи расчистувањето на другите делови, како сувото корито на реката и железничката пруга, рече Кари.
Потрагата по исчезнатите заврши во неделата вечерта кога беа пронајдени последните три тела, така што конечниот официјален број на загинати е 43 лица.
Надвозникот „Моранди“ се урна во вторникот за време на бура, а повеќе од триесет автомобили и камиони паднаа на земјата од височина од 45 метри.
Се верува дека трагедијата била предизвикана од скината сајла во еден од бетонските столбови, рекоа инженерите што ја испитуваа несреќата.
Италијанската полиција денеска објави видеоснимка на која се гледа како за само 2-3 секунди се урива целата бетонска конструкција. Иако на видеото не се гледа целиот мост, сепак од она што може да се види е јасно дека сѐ се случило многу брзо и луѓето што се нашле во моментот на мостот немале време да се спасат.
Бетонскиот мост „Моранди“ е отворен во 1967, висок е 90 метри и долг малку повеќе од еден километар. Најдолгото растојание меѓу два столба е 200 метри. Целиот мост бил обновен во 2016 година.