Путин и Трамп: Одлучивме да ја победиме ИД


Претседателот на Русија Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп денеска разговараа на маргините од вториот ден од Самитот за Азија-Пацифичка економска соработка (АПЕК) во Виетнам и потврдија заедничка изјава за Сирија.

Во соопштението се наведува дека претседателите ја потврдуваат нивната решеност да се борат со Исламската држава со цел да се постигне конечна победа над неа, како и да се почитува суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Сирија.

Во соопштението се вели дека за конфликтот во Сирија не постои воено решение и дека двајцата претседатели се согласиле оти конечното политичко решавање на конфликтот во Сирија треба да биде во рамките на процесот на Женева и во согласност со Резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на ОН.

Во заедничкото соопштение е договорено продолжување на користењето на постоечките воени комуникациски канали за да се осигури безбедноста на американските и руските војници, како и да се спречат опасните инциденти со партнерските сили кои се борат против Исламската држава.

Претседателите ја потврдија важноста на де-ескалираната зона во Сирија како привремена мерка за намалување на насилството и создавање услови за мирно решение за земјата. Во соопштението е наведено дека Трамп и Путин разговарале за формирање на де-ескалациони зони и на југозападниот дел од Сирија, како што беше договорено за време на состанокот на 7јули во Хамбург.

Двајцата претседатели ги повикаа сите земји-членки на ОН да ја зголемат хуманитарната помош за Сирија во наредните месеци и да го поздрават меморандумот од 8 ноември на Центарот за мониторинг на Аман, потпишан од САД, Русија и Јордан, со цел да ја поддржат успешната иницијатива за прекин на оган во јужна Сирија.

Соопштението е подготвено од експерти од двете земји, а пред Трамп и Путин, тоа е потврдено од рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, и американскиот државен секретар, Рекс Тилерсон.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека соопштението за Сирија е специјално подготвено за состанокот на лидерот на АПЕК, кој се одржува во Дананг.

Путин и Трамп имаа краток разговор додека се движеа кон местото наменето за фотографирање на учесник на самитот.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1