Руската државна телевизија „Русија 1“ откри детали за анексијата на полуостровот Крим и за спасувањето на поранешниот украински претседател Виктор Јанукович.
Државната телевизија прикажала куси извадоци од една документарна емисија, за настаните од пред една година. Инаку документарецот бил наменет за руската јавност.
Во она што засега е прикажано се гледа како претседателот Владимир Путин вели дека побарал да се „работи на враќањето на Крим кон Русија“.
Таа изјава, Путин ја дал на еден состанок кој траел цела ноќ помеѓу 22 и 23 февруари минатата година.
На состанокот биле и функционери на разузнавачките агенции и на Министерството за одбрана, а на него главното прашање било изработката на план за спасување на насила соборениот украински претседател Јанукович.
– Ги повикав луѓето за да се договориме како да му помогнеме на претседателот (Јанукович) кој сигурно ќе беше ликвидиран, вели Путин во изјава за документарната емисија, додавајќи дека таа ноќ им рекол на „колегите“ да се подготват за враќање на Крим.
За потсетување, четири дена по овој состанок, се уште неидентификувани вооружени лица ја зазедоа зградата на локалниот Парламент во Крим и на неа го истакнаа руското знаме. Москва демантираше дека станува збор за руски војници, а луѓето немаа никакви ознаки и не носеа руски еполети.
Путин подоцна призна дека на полуостровот биле испратени руски трупи, каде од порано имаше руски воени бази и каде е стационирана руската црноморска флота.
На 16 март 2014 година, на Крим се одржа референдум на кој огромното мнозинство од гласачите се изјаснија за „враќање на Крим кон Русија“.
На 17 март 2014 година, Владимир Путин потпиша државен акт со кој и формално Крим стана дел од Руската федерација.