Рускиот претседател Владимир Путин денеска попладне пристигнува во дводневна официјална посета на Грција, каде со грчкиот државен врв ќе разговаа за трговија, енергија и транспорт.
Путин на атинскиот аеродром ќе го пречека грчкиот министер за одбрана Панос Каменос, а потоа ќе има одвоени средби со претседателот Прокопис Павлопулос и со премиерот Алексис Ципрас. Се очекува по средбите да бидат потпишани и неколку декларации и договори за енергетика, туризам, технологија и наука.
Во вечерните часови, рускиот претседател ќе го посети Византискиот и христијанскиот музеј каде е планиран настан на кој ќе присуствува и Ципрас.
Во руската владина делегација која ќе ја посети Атина ќе бидат и министрите за надворешни работи, енергија, транспорт, култура, економски развој, земјоделство и портпаролот на Владата. Делегацијата ќе ги вклучува и извршните директори на гигантите за гас и нафта Газпром и Роснефт, како и други бизнисмени.
Москва пред се е заинтересирана за купување на државниот оператор со железницата „Траиносе“ и удел во солунското пристаниште, повтори Путин во коментарот за „Катимерини“ објавен пред посетата. Тој, исто така, истакна дека Русија, која е главен снабдувач со гас на Грција, се уште е многу заинтересирана за заживување на проектот за гасоводот Јужен тек.
Утре, Путин ќе замине за Солун, каде ќе го пречека грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас. Рускиот лидер потоа заедно во Павлопулос ќе ја посети Света Гора каде ќе присуствуваат на прослава по повод одбележувањето на 1.000 години присуство на руските монаси во православната монашка заедница.
Рускиот претседател ќе си замине од Грција со специјален лет од солунскиот аеродром „Македонија“ во сабота вечер.