Актуелната власт во Турција спроведува намерна исламизација на земјата, изјави рускиот претседател Владимир Путин во атмосфера на крајно вложените руско-турски односи откако во вторникот турски ловец собори руски бомбардер во Сирија.
Претходно во вторникот во изјавата за медиумите во текот на средбата во Сочи со јорданскиот крал Абдула Втори, дадена во врска со турското соборување на рускиот борбен авион во Сирија, рускиот претседател Владимир Путин посочи меѓу другото дека Русија отсекогаш кон Турција се однесувала „не како близок сосед, туку како кон многу пријателска држава“.
„Проблемот не е само во трагедијата со којашто се соочивме вчера, проблемот е многу подлабок. Гледаме, и не само ние, ве уверувам дека тоа го гледа целиот свет, дека сегашната власт во Турција со години наназад води внатрешна политика која е силно насочена кон и во поддршка на исламизацијата на земјата“, рече рускиот челник.
Путин истакна дека исламот е голема светска и една од традиционалните религија, вклучително и во Русија. „Ние самите го поддржуваме исламот и ќе го правиме тоа, но станува збор за поддршката на радикалните струи. И тоа само посебе создава многу непријатна средина, атмосфера, која во прв момент не се гледа“, додаде.
Според него, руските државјани кои во момент се во Турција може да бидат изложени на зголемен ризик.
„По она што се случи вчера, не можеме да исклучиме други инциденти, и ако се случат ние на некој начин ќе мора да реагираме“, рече Путин повикувајќи го министерството за надворешни работи да презема мерки за осигурување на нивната безбедност, како што е препораката од вторникот руските државјани да се воздржат од патувањата во Турција за што оцени дека е неопходна мерка откако беше соборен рускиот авион.
Претходно во вторникот рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој ја откажа посетата на Турција закажана во средата поради инцидентот, велејќи дека министерството не им препорачува на Русите да патуваат во Турција, констатираше дека таквата мерка почива врз „критичниот број терористички пројави на турска територија“.