Живко Митревски, поранешниот претседател на Сојузот на синдикатите (ССМ) ќе се соочи со кривични пријави за злоупотреба на службената положба и фалсификување документи. Ова денеска на прес-конференција го најави в.д. претседателот на ССМ, Дарко Димовски откако вчера седна во првата фотелја на ССМ.
Од првиот увид на документите во ССМ, како што рече Димовски, може да се види дека Митревски во изминатиот период се богател на сметката на работниците.
– Најпрвин на 25.6 2015 година изготвил одлука за животно осигурување, а потоа и одлука за потпишување менаџерски договор со ССМ во која се содржани низа привилегии. Со одлуката меѓу другото се утврдува дека ССМ треба да му исплати надоместок за станот во Скопје во кој престојувал со сите пропратни трошоци, потрошена струја, вода, парно греење, чистачка. Овој надоместок изнесувал 250 до 300 евра месечно – рече Димовски.
Во менаџерскиот договор било предвидено и покривање на трошоците за усовршување на лидерот на ССМ.
Од работничките пари на Митревски покрај плата од 50.000 денари му се надоместувале уште и 12.000 денари за одвоен живот како и по 3.000 денари месечно за водење на седниците кои му се во работните задачи. Митревски исто така бил член на Управен одбор на Фондот за пензиско осигурување од каде семал 10.000 денари и член на Управен одбор на ЈП „Македоснки шуми“ каде што земал 31.000 денари.
– Митревски користел и два автомобила и имал двајца возачи кои биле распределени во Битола и во Скопје и му биле на располагање 24 часа дневно. Но, тоа не е се. Анализата на документите што следи ќе покаже всушност како Митревски се расфрлал со парите на работниците – рече Димовски.
Претседатели на синдикатите кои учествуваа на прес-конференцијата рекоа дека иако присуствувале на споменатата седница на Претседателството на ССМ тие не виделе никава одлука за менаџерски договор ниту пак би дозволиле такво нешто да се случи.
– Оваа одлука ја изготвил Митревски, а ја потпишал секретарот на ССМ, Анѓелко Анѓелковски, кој исто како и Митревски ќе добие кривична пријата – рече Димовски.
Синдикатите денеска обвинија и дека Митревски го манипулирал Претседателството и Советот на ССМ и во однос на документите кои ги донел за исклучување на синдикатите, затоа, како што рекоа, уште на првата денешна седница на Претседателството на ССМ ги прогласиле за ништовни одлуките кои се наштета на работниците.
– Само еден пример говори како се носени одлуките. Одлуката за исклучување на Мултиетничкиот синдикат за образование (МЕСО) е донесена на 9.09.2015 година, но нејзината заверка Митрески ја направил на по една година на 31.08. 2016 година – рече претседателот на МЕСО, Драге Јовановски.
И покрај расипничкиот однос кон парите на ССМ, сепак како што рекоа денеска претставниците на гранковите синдикати, членови на Претседателството на ССМ, сепак финансиската состојба дозволува на вработените во ССМ да им се исплати регрес за годишен одмор.
– Прво сакаме со нашиот пример да покажеме дека на работниците мора да им се исплаќа регрес за годишен одмор и во иднина ќе бараме од владата и работодавачите регресот за годишен одмор да биде безусловно право на работниците – рече Ристо Ајтов од Синдикатот на одбраната.
Новиот в.д. претседател на ССМ најави дека во иднина работниците а не привилегиите ќе бидат основа на неговиот ангажман зашто како што рече, со однесувањето на Митрески само се изгубиле низа права на работниците и членството во синдикатите.
Според податоците на синдикатот, од 85.000 челнови во 2015 година сега ССМ има 60.000 членови.