Работодавачи во Македонија исплаќаат минимална плата, а потоа бараат од работниците да им вратат дел од неа, откриваат невладини организации. Според Здужението за социјална правда „Ленка“, еден дел од работодавачите исплаќаат минимална плата од 8.800 денари колку што е одредено во законот, а потоа бараат работниците да им вратат 1.000 или 2.000 денари, објави Плусинфо.
„На овој начин се крши Законот за минимална плата. Ние ги охрабруваме работниците да ги пријавуваат ваквите случаи, но се добива впечаток дека тие се уплашени и дека ја изгубиле вербата во институциите“, вели Дејан Лутовски од „Ленка“.
И од НВО „Солидарност“ тврдат дека работниците се исплашени да ги пријавуваат ваквите злоупотреби, па препорачуваат да им се обратат ним.
„Ние веќе неколкупати апелиравме до јавноста и ги охрабрувавме работниците за сите кршења на нивните права да дојдат и да ни кажат. Ако анонимно пријават во Трудовата инспекција, таа не е должна по анонимен повик да достави повратна информација. Но, ако ние го направиме тоа, како „Солидарност“ и без да го откриеме името на работникот, Трудовата инспекција мора да ни даде повратен одговор“, вели Гоце Маркоски од „Солидарност“.
Податоците кои овие здруженија ги добиле од Трудовата инспекција покажале дека ниту една фирма досега не е казнета заради непочитување на Законот за минимална плата.