Од утре муслиманските верници го започнуваат празнувањето на Рамазан. Поглаварот на Исламската верска заедница, реисот Сулејман Реџепи, во своето обраќање рече дека овој пат Светиот Месец Рамазан доаѓа во едно чувствително и тешко време за целото човештво кое се бори со пандемијата предивикана од вирусот Ковид 19. Речиси целото свое обраќање Реисот го посвети на здравјето, говорејќи дека овојпат муслиманските верници Рамазан го слават во време кога сите се обидуваме да се заштитиме и себеси и своите семејства, но и општеството и целиот народ.
Според реисот Реџепи, карантинот или изолацијата во време на избивање на епидемии или пандемии се исламска обврска што треба да се почитува и да се спроведе додека пак, менаџирањето на пандемиите и начинот и времетраењето е обврска и одговорност на експертите од соодветната област. Тој ги повика верниците своите верски обреди да ги извршуваат во своите домови.
„Апелирам и ве замолувам да се придржувате кон исламските принципи за своето здравје и за здравјето на другите луѓе околу вас, во исто време почитувајќи го тоа што го велат лекарите и екпертите во врска со пандемијата Ковид 19. Само така ќе победиме и ќе се вратиме на нашите животи, само така ќе бидат оправдани нашите молитви за спас што ги упатуваме на семоќниот Алах“.
Реџепи посочи дека Рамазанот и во овие тешки денови ќе донесе радост во срцата, дека постот отанува должност на секој верник кој е физички и психички здрав и дека ИВЗ веќе ги задолжила сите муфтијства во Македонија да ги извршуваат своите редовни верски обичаи за Рамазан.
– Рамазанот ќе биде убав како и секогаш без оглед на ситуацијата што не обврзува нашите намази посветени на Алах да ги извршуваме во своите домови, рече исламскиот поглавар, посакувајќи им радост и многу здравје на верниците.