На 10 мај на Школка со почеток во 11 часот, ќе се одржи настан за зголемување на свесноста за лицата со атипичен развој како и за нивно прифаќање, почитување и инклузија во општеството, во организација на Здружението „Аутизам ААМК“.
Тоа ќе биде седми по ред од 2018 година, а како и претходните така и овој ќе биде една голема игротека со многу разновидни активности, спортски, забавни, едукативни, музичка, ликовна работилница но и мноштво од сценски настапи. И сето тоа ИНКЛУЗИВНО.
Настанот ќе трае од 11 до 14:30 часот и поканети се сите, Школката е отворена за секого.
Она што сакаме да докажеме и покажеме, како и секогаш на нашите дружби, е тоа дека и децата со атипичен развој сакаат да играат, да се смеат, да пеат, да другаруваат. И тие сакаат да бидат поканети на родендени, но и другите деца да доаѓаат на нивните.
Но најважното од се` – сакаат да бидат заедно со другите деца.
Преку игра и песна да им покажеме на семејствата со типичен развој дека треба да ги надминат своите предрасуди и стравови коишто се резултат само на страв од непознатото и да се обидат да се запознаат со атипичните лица и со нивните семејства, да дознаат за самата болест или состојба, да најдат начин на којшто би им помогнале. Но за да е возможно сето тоа, пред се’ овие лица треба да бидат прифатени токму онакви какви што се.
Овој голем чекор може да даде голем придонес во заедничкото секојдневие и градењето на здраво инклузивно општество.
А децата… децата за разлика од нас големите, гледаат со срцето и со душата, тие гледаат само деца си некаква различност, но и многу слични, затоа што и едните и другите сакаат да Растат и да Играат заедно.
Дојдете на Школка, понесете со себе насмевки, прегратки и многу љубов и сите ЗАЕДНО да кажеме гласно – ДРУГАРСТВОТО Е БОГАТСТВО.
Гуш и Бац.










