Џихад е кога граѓанинот, верникот се става во одбрана на татковината. Каква татковина на тие луѓе е Ирак, каква татковина им е Сирија, ако се од Македонија, тогаш нивна татковина е Република Македонија. Aко треба да се загине, се гине за Македонија, вели поглаварот на ИВЗ, реис Сулејман Реџепи во интервју за Радио Слободна Европа.
Тој вели дека во Македонија, неколку години наназад има смирување на радикалниот ислам, кој, според него, е верско-политичко движење.
– Состојбата е таква што тие луѓе Исламската заедница со своите сили, лично јас како поглавар на Исламска верска заедница, неколкумина луѓе во Македонија за којшто сметавме дека припаѓаат на такво нешто, по пат на дијалог, по пат на разговори, по пат на практиката, со оглед дека реалноста во Македонија, реалноста на муслиманите, ги освестивме и веќе еве немаме никакви турбуленции, нема никакво движење, немаме никаква примена на насилство итн. Неколкумина до нив ние ги ангажиравме по верските објекти, со претходно потпишување на една декларација од нива страна, дека ја признаваат институцијата Исламска верска заедница – вели Реџепи.
Поглаварот на ИВЗ во интервјуто прецизно објаснува што подразбира под „радикално–политички структури“, истакнувајќи дека носители на таа појава на целиот Балкан, во Европа и пошироко, се вахабистите, со оглед дека кога е засновано тоа движење не е само верско, туку тука е комбинирана и политиката.
– Јас сум задоволен што во Република Македонија во последно време навистина, ние во Исламска верска заедница долго време се мачевме некако да ги смириме тие страсти, да ги воведеме луѓето на правиот колосек, оти исламот не е тука од сега, од кога се осамостои Македонија, исламот, институционално на Балканот е преку 624 години. На таа идеологија не и беше целта само Македонија, туку Балканот воопшто и Европа во целина. Веројатно зад една таква активност стои една финансиска поддршка, голема финансиска поддршка и јас верувам дека едно такво движење ќе исчезне кога ќе нема финансиска поддршка – истакнува Реџепи.
На прашањето, кој е одговорен да го спречи одењето на младите луѓе во туѓи војни, тој тврди дека Исламската верска заедница, ниту некој ја консултирал, ниту некој разговарал со нив.
– Тие неколкумина луѓе што се заминати таму, веројатно тоа го сториле најскришно. Веројатно тие знаеле дека ако дојде некој да се консултира со нас не доаѓа во предвид да ја добие нашата согласност и да го има благословот на ИВЗ. Што бараат нашите луѓе таму, без оглед кои се, што бараат на тие фронтови? Што ги обврзува? Апсолутно ништо не можеме да кажеме дека ги обврзува. Има само две работи во тоа, ако некој е „обработен“ или што се вика „перење на мозок“, инаку нормален човек нема да одлучи свесно да оди на едно такво боиште и како второ материјалниот интерес.
Исламската заедница е против, заради тоа што со одредбите, начелата на исламот, не дозволуваат да се оди на такви боишта, ниту пак може да се третира дека тоа е џихад. Џихад е кога граѓанинот, верникот се става во одбрана на татковината. Каква татковина на тие луѓе е Ирак, каква татковина им е Сирија, ако се од Македонија, тогаш нивна татковина е Република Македонија. Aко треба да се загине, се гине за Македонија, во одбрана на територијалниот интегритет на својата држава, на својата татковина. И заради тоа Исламската верска заедница од кога беше иницијативата да се усвои еден закон како превентива, верувам дека ние бевме меѓу првите верски заедници ја дадовме нашата согласност и го прифаќаме тој закон и го поддржуваме – вели поглаварот на ИВЗ во интервјуто за Радио Слободна Европа.