Системот за управување со боледувањата во Македонија ќе биде предмет на анализа и реформи, откако новите податоци покажаа значителен пораст на бројот на отворени боледувања во последните години. Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, со поддршка на Светската здравствена организација, денеска одржаа работилница посветена на подобрување на системот и спречување на можните злоупотреби.
Министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека целта е да се олесни пристапот до боледување за граѓаните кои навистина имаат потреба, но истовремено да се зајакнат контролите каде што постои ризик од злоупотреби.
„Потребно е да се намали административниот товар, но и да се засилат контролите. Треба да се најде баланс меѓу полесен пристап и поголема одговорност во системот“, рече Клековски.
Според интегрираните податоци од системот „Мој термин“, во 2025 година биле евидентирани повеќе од 300.000 боледувања до 30 дена, што е за 33 проценти повеќе во однос на 2021 година.
Иако бројот на осигуреници кои користеле боледување е зголемен за околу шест проценти, расте бројот на боледувања по осигуреник.
„Имаме 33 проценти повеќе боледувања, а бројот на корисници е зголемен за околу шест проценти. Тоа значи дека просечниот број боледувања по осигуреник е зголемен од 1,8 на 2,3“, изјави министерот.
Клековски посочи дека правилата за користење боледување не се менувани од 2012 година и најави поширок процес на нивна ревизија, во кој ќе бидат вклучени институциите, лекарските здруженија, работодавачите, синдикатите и експерти.
На работилницата беа презентирани и европски искуства за поефикасно управување со боледувањата, а во наредниот период ќе се разгледуваат конкретни модели за унапредување на системот, со цел тој да биде поефикасен, потранспарентен и поотпорен на злоупотреби.








