Ревизијата на работењето на Државната комисија за спречување на корупцијата укажува на непочитување и злоупотреба на законските одредби, незаконско и несовесно трошење на парите на граѓаните, токму од страна на Комисијата која што треба да се грижи за спречување на злоупотреби на правата и обврските на институциите и сите избрани функционери во државата, порача пратеничката и потпретседателка на СДСМ, Фросина Ременски.
Таа рече дека членовите на Антикорупциска веќе немаат професионален и етички кредибилитет да ја вршат оваа функција ниту еден ден повеќе.
– Од тие причини, доколку членовите на Антикорупциската комисија веднаш не поднесат итна и неотповиклива оставка, во Собранието на Република Македонија, како орган кој е надлежен за изборот на членовите на ова тело, ќе покренеме постапка за нивно разрешување. Нема да има толеранција за коруптивно и расипничко однесување на ниту една институција и на ниту еден функционер во Македонија – порача Ременски.