Рената Тренеска Дескоска со 86 „за“ и еден „против“ е избрана за потпретседател на Собранието на предлог на пратеничката група предводена од СДСМ. По гласањето Тренеска Дескоска даде свечена изјава дека совесно, одговорно и согласно законите и Уставот ќе ја извршува оваа функција.
Пратеникот Горан Мисовски кусо образложи дека Тренеска Дескоска е позната во општествениот и политичкиот живот, професор е на Правниот факултет, доктор на науки, автор и коавтор на преку 30 книги и сто трудови. Изрази надеж дека таа ќе води некои од седниците на Парламентот.
Повтори дека враќањето на опозицијата во Собранието е само поради постигнатиот договор во Пржино и се наврати на причините поради кои опозицијата дури на 1 септември се приклучи во работата на Собранието.
На седницата беа изгласани и одлуките за пополнување на испразнетите места во собраниските комисии и тела од страна на пратеници на опозицијата.
Собранието го одржа продолжението на 4-та седница на која се констатира повлекувањето на оставките на пратениците од опозицијата.