Родендени и момински вечери во двокатен автобус


Тура низ Скопје, панорамско разгледување, фотосесии, моминска вечер, роденден за деца, снимање реклами е новиот тренд што го развива ЈСП во последниов период, пишува весникот Нова Македонија. Од ЈСП велат дека во последно време се зголемил интересот кај граѓаните за изнајмување автобуси за приватни прослави, но тие најмногу ги одобруваат за туристички цели, односно за разгледување на Скопје.

avtobus-panorama– Цената за изнајмување на панорамскиот автобус е 6.500 денари, двокатниот автобус е 4.500 денари, а за ниските е 3.500 денари. Се изнајмуваат за најмногу четири-четири и пол часа, без разлика за каков вид прослава се работи – објаснува Мишо Николов, директор на ЈСП.

Тој додава дека автобусите најмногу се изнајмуваат од институции, фирми, училишта.

– Основните училишта ги изнајмуваат автобусите најчесто за настава во природа. Добивме барање и за детски роденден во автобусите, минатата година имавме три родендени – вели Николов.

Сега е период на матурски прослави, и од ЈСП велат дека речиси секој ден им стигнуваат барања за изнајмување автобус за матурска забава.

– Многу барања ни стигнуваат за матурски прослави во двокатните автобуси, но не сме одобриле досега, бидејќи се ризична категорија. Се внесува алкохол, сепак се тинејџери, па не би сакале да има некој инцидент или, пак, да не се уништи автобусот – објаснува Мишо Николов.

Во двокатен автобус имало и моминска вечер. Од ЈСП велат дека неколку пати досега се случило да го побараат автобусот за моминска забава.

– Пробуваме и овој вид прослави да ги избегнуваме, бидејќи и тука има судир со алкохол – вели директорот на ЈСП.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1