Вселенскиот ровер Curiosity првпат издупчил дупка во површината на Марс за да открие дали на планетата во Сончевиот систем која е најслична на Земјата некогаш постоеле услови за живот на микроорганизми, објави американската агенција за вселенски истражувања NASA.
На фотографиите испратени до центарот на Земјата се гледа дупка во карпа за која научниците претпоставуваат дека некогаш била во контакт со вода.
На Curiosity се инсталирани десет високо софистицирани научни инструменти со вкупна тежина од 75 килограми, со коишто роверот ќе врши детални геолошки и геохемички студии, ќе ја проучува атмосферата и климата на планетата, ќе се обиде да најде траги од вода и траги од органски материи за да се дознае дали Марс некогаш бил погоден за живот, и постои ли на него место на коешто е возможен живот сега.