Руските воени претставници велат, поседуваат “цврсти докази“ дека Турција тргувала со терористичката организација ИСИС, како надополнување на неодамнешните тврдења дека Турција купувала нафта од нив, што беше отфрлено од страна на претседателот Реџеп Таип Ердоган.
– Имаме докази за нелегалната трговија со нафта како извор на финансирање на терористичките групи, изјави заменик-министерот за одбрана на Русија, дополнувајќи дека тие се свесни колку безвредни се тврдењата на Ердоган.
Тие претставиле фотографии и видео документи кои ги поврзуваат Турција и нафтените рафинерии во Сирија, кои се под контрола на ИСИС. Според нив, нафта во вредност од 3 милиони американски долари се транспортирала по одредена рута, пред руските воздушни напади да го преполоват тоа.
Според Сергеј Рудској, воен лидер, главно имало три рути по кои се одвивал транспортот.
Тој вели, доколку доказите не се веродостојни, тогаш истите локации треба да бидат достапни за новинарите да го испитаат тоа.
Во меѓувреме, турскиот претседател Ердоган, на предавање во еден од универзитетите во Катар, порача дека никој нема право да ја обвинува неговата земја.
– Никој нема право да ја клевети Турција, особено она дека сме купувале нафта од ИСИС, рече тој. „Турција се уште не го загубила својот морал за да купува нафта од терористичка организација“.
Ердоган исто така порача дека, доколку се докаже дека неговата земја тргувала со ИСИС, тој веднаш ќе поднесе оставка.
Денешните превирања се последни од серијата вербални напади во руско-турските односи откако Турција собори руски воен авион на 24.ноември.
Додека Русија тврди дека авионот летал над Сирија, и не го нарушил турскиот воздушен простор, Турција потенцира дека ја бранела својата територија.
Пилотите на авионот успеаа да катапултираат по што едниот беше спасен во 12-часовна спасувачка акција, додека другиот беше убиен откако паднал во рацете на бунтовнички милитанти.
Западот и НАТО побараа од Турција и Русија да ги смират тензиите и да најдат дипломатско решение за решавање на проблемот.