Институциите во Република Српска добиле барање да подготват информации и да пополнат прашалник за можностите за заобиколување на европските санкции за потребите на руските инвеститори, извоз на стоки преку алтернативни патишта, плаќање во криптовалути и достапност на банки надвор од ЕУ за платни трансакции, објавува босанскиот Капитал.
Според документот до кој медиумот имал пристап, а кој дошол од официјалната е-пошта на Агенцијата за информатички и комуникациски технологии на Република Српска, станува збор за прашалник „за мапирање на ресурсите и проценка на потребите за соработка со регионот Нижни Новгород во Руската Федерација во областа на информатичките и комуникациските технологии“.
Тоа, всушност е барање од руски бизнисмени од областа на информатичките и комуникациските технологии кои сакаат да ги избегнат европските санкции и да ги пласираат своите производи на други пазари преку РС, или поточно БиХ, користејќи алтернативни патишта, заобиколувајќи царина, плаќања преку домашни банки, користејќи домашни економски капацитети, потоа криптовалути и други „опции“ што би можеле да ги заобиколат контролите и санкциите на ЕУ.
На самиот почеток од прашалникот се бара дефинирање на механизми за заобиколување на санкциите, односно се поставува прашањето какви правни структури нуди РС за регистрација на руски ИКТ компании и дали постојат посреднички патишта за извоз во Европската Унија, на пример, преку Србија и Турција.
Руските инвеститори во оваа област се отворено заинтересирани и за тоа дали РС гарантира правна заштита од секундарни санкции на ЕУ и дали постојат потпишани договори за заштита на инвестициите меѓу Русија и БиХ или Република Српска. Меѓу попроблематичните прашања се дали се достапни „финансиски канали надвор од ЕУ, како што се кинеските и арапските банки“, како и дали РС прифаќа криптовалути за инвестициски трансакции и дали постои можност за царинење независно од ЕУ.
Овој документ, бара разни други спецификации, типични за интересите на инвеститорите, почнувајќи од усогласеност со техничките стандарди, покриеност на оптичката мрежа, брзина на интернет и разгледување на постојната инфраструктура, опрема на економски и лабораториски капацитети, па сè до можноста за соработка, размена на персонал и едукација.
Руските инвеститори се заинтересирани и за просечното време за регистрација на патенти за странски компании и дали постои забрзана постапка за ИКТ иновации.









