СЈО демантира дека шефицата во оставка на СЈО Катица Јанева издала наредба за уништување на материјали, како што претходно „360Степени“ објави дека Јанева побарала од вработените во ИТ-секторот да спроведат „форензичко бришење“ на компјутерите во Специјалното јавно обвинителство.
– Во врска со денешно објавените написи околу наводно издавање наредби за форензичко бришење или уништување на податоци во Специјалното јавно обвинителство, истите во целост ги демантираме. Појаснуваме дека Специјалниот јавен обвинител нема дадено наредба за било какво уништување на материјали, податоци или доказен материјал во рамките на обвинителството, било истиот да е во пишана или усна форма.
Сите активности кои во континуитет се преземаат се единствено во насока на зачувување на сите податоци, информации, документи и списи кои се предмет на работењето на ова обвинителството. Водејќи се од правилата за обезбедување на безбедносни, технички и организациски мерки во делот на заштитата на целокупниот материјал кој се наоѓа во обвинителството, сочувувањето на неговиот интегритетот е од висок приоритет, и во ниту еден случај не би се дозволило по било кој основ истиот да биде доведен во опасност, соопшти СЈО, пренесе Плусинфо.