Само седум борци ја преживеаја битката на Мечкин Камен


Ексклузивно сведоштво за Илинденското востание и Крушевската Република. Први регрути за пополнување на четите биле синовите на крушевските богаташи… Приказната ја пренесува Блаже Миневски за Миа.

Едно вакво лето, пред стои и десет години, Македонците ги „лустрираа“ Турците и предавниците и решија да направат Република, прва Република на Балканот, во Крушево. Според распоредот што бил направен од Горскиот Штаб на чело со Никола Карев, четите што биле задолжени да го ослободат Крушево веќе биле доближени незабележано до градот, а кон 11 часот, вечерта, на втори спроти трети август, востаниците веќе биле групирани на позициите под самата Крушевска корија.

1

Секој војвода имал своја оперативна задача: Иван Наумов Алабакот требало да ја нападне касарната, Андреа Христов – жадармеријата, Ѓурчин ги зазел позициите на патот кон Калето, Питу Гули, војвода на Крушевската реонска чета, составена од 80 души, бил распореден на Црн Врв, а одделни момчиња од таа чета имале задача по првиот налет на востаниците да ловат по сокаците во градот жандари, чиновници и други службени лица кои ќе се обидуваат да побегнат. Војводата Ташко Карев бил задолжен да ја држи височинката околу Длабока Река. Сето тоа било координирано од потпоручникот Тодор Христов и раководство составено од Тома Никлев, Никола Карев, Антиноген Хаџов, Григор Божинов и Тодор Павлов.

Други шесмина го сочинувале Штабот кој раководел со дејствата од месноста Гумење. Вкупниот број на востаници биле околу 800 души од кои 50-на од градот.

Датумот за прогласување на востанието му бил познат само на Главниот востанички штаб!

Според записот на Георги Баждаров од јуни 1918 година, објавен во книгата белешки и впечатоци за Македонија, први регрути за пополнување на четите задолжени за ослободдување на Крушево биле десетина момчиња, синови на најбогатите луѓе во градот. Серчанецот Георги Баждаров, револуционерен деец, општественик, новинар и редактор на јавни гласила е роден до селото Горно Броди, Серско, Егејска Македонија во 1881 година. По завршувањето на средното образование во Солунската и Битолската гимназија, студира историја на Софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“.

2

Станувајќи член на ТМОРО воспоставува блиски контакти со Гоце Делчев и со други македонски револуционери. Учествува во Илинденското востание како секретар на четата на Илија Крчовалијата. По Младотурската револуција е назначен за наставник во Солунската егзархиска машка гимназија. Во меѓувреме, всушност до неговата смрт, уредува повеќе весници и списанија, а од 1919 до 1923 година бил член на Задграничното претставништво на ВМРО, кога организацијата била предводена од Тодор Александров и Алексадар Протогеров. По расцепот на ВМРО, во 1928 година, се изјаснува против Ванчо Михајлов, а следната година е убиен во Варна од луѓето на оној против кој јавно се изјаснил.

Во својата книшка „Од македонската земја“ – впечатоци и белешки, печатена 1926 година во печатницата на П. Глушков во Софија, меѓу другите интересни материјали, Бажадаров објавиува и запис од својот престој во Крушево летото 1918 година, значи петнаесет години по Илинденското востание и Крушевската република.

„На 26 јуни 1918 година го посетив Крушево. Доаѓајќи од Прилеп, иако не располагав со повеќе време, сакав неизоставно да ја видам главната сцена на Илинденската херојска трагедија. Во Крушево престојував само еден ден. Го разгледав градот со старите куќи, градот со изгорени и обновени домови. Ја видов разурнатата црква, која била украсена со најдобриот уметнички иконостас од нашите мајстори резбари. Ја видов и новата училишна зграда“, запишал Баждаров пред 95 години. „Бев на гости кај господин Наум Томалевски, кмет на градот и посакав некои од очевидците да ми раскажат за востанието во Крушево“, запишал тој.

Се разбира, сведок на востанието бил и самиот Томалевски, но не учествувал во борбите за Крушево. Како роден крушевчанец за време востанието бил член на групата задолжена за изработка на муниција. Инаку, исто како Баждаров, бил член на автономистичката ВМРО на Тодор Александров, а во 1925 бил избран за член на Задграничното претставништво во Софија.

3

Подоцна, по расцепот на ВМРО, преминува во крилото на Протогеров и во 1930 година, исто како Баждаров, бил убиен од приврзаниците на Ванчо Михајлов. Значи, Баждаров стигнува во Крушево и доаѓа кај својот пријател Томалевски, со молба да му препорача некој што ќе може да му каже нешто повеќе како сведок на востанието, сведок на борбите, а Томалевски го упатува на Миле Станоев, еден од оние 800 борци што учествувале во ослободувањето на Крушево.

Според сведоштвото на Миле Станоев, односно според спомените запишани од Георги Баждаров, по враќањето на Никола Карев, кој го претставувал Крушевскиот реон на Конгресот во Смилево на 15 мај 1903 година, каде што бил избран за Горски началник, селаните-милиционери биле свикувани често на обука, а месните комитети значително ја зголемиле својата дејност. Секој што бил посветен во револуционерното дело сфаќал дека веќе се ближи решителниот ден. Датумот за прогласување на востанието бил познат само за Главниот востанички штаб, но востанието го насетувале сите.

Мошне интересен е податокот дека од градот како први регрути за пополнување на четите биле повикани десеттина момчиња, синови на најголемите богаташи во градот. Тоа била сторено за да се приврзат и ангажираат во востанието не само сиромашните, кои немале што да изгубат, туку и богатите Крушевчани. Спроти планот за напад, а пред да се означи почетокот на востнието, сите чети веќе биле на своите позиции; се чекала само наредбата од Горскиот Штаб за да пукне првата пушка.

Храброста на турскиот трубач

Како што било договорено, најпрвин требало да се нападне Уќуматот, зградата на управата, олицетворение на власта против која се крева востанието. За таа цел, уште претпладнето, Никола Ивановски и брат му Лецо се сокриле во блиската црква за да ја отворат вечерта по нападот за да можат внатре да влезат четниците што ќе го извршат нападот. Дошло полноќ. Тишина. Нигде ламба не свети; црна темнина по улиците и куќите. Не дека сите спијат, туку притаени очекуваат нешто големо и страшно, мило и опасно да се сличи, пишува Баждаров.

Една, две, пет пушки пукнуваат и ја раскинуваат покривката на ноќта. Камбаните почнуваат да бијат. Првиот дел од трагедијата започнува со христијанскиот знак за објавување на празник. Стрелбата кон касарната зачестува од сите страни.. Градот е веќе буден. Жените и децата се кријат по визбите за да не ги погоди некој заталкан куршум. Сите ја чекаат слободата за да излезат и да се радуваат.

Но, денот е далеку, борбата е жестока. Четворица стражари пред уќуматот загинуваат, а четворица успеваат да избегаат. Мударот бил таму. Слугата и неколку колџии скокнале во бунарот за да се скријат, но се удавиле. Полицискиот агент, чиновникот за шумите и телеграфско-поштенските службеници со послугата, сè на сè – осум души, биле заробени и убиени. Семејствата им биле спасени, живи и здрави.

По дадениот сигнал од црквата, Иван Алабакот отвора оган кон касарната во која престојувале во тој момент околу 40-50 души. Останатите војници од месниот гарнизон, (околу 150 души) се наоѓале по селата, да гонат комити и да им помагаат на даночниците во собирање на арачот. Тие не можеле да знаат дека комитите решиле да дојдат кај нив за да не се мачат тие да одат по нив. Во престрелката имало убиени од двете страни.

Особено храброст покажал трубачот на аскерот, кој, иако тешко ранет, не само што успеал да труби со трубата, туку продолжил и да пука и да се бори се додека не бил дотепан. Дел од аскерот избегал кон Алдинци, а други се затвориле во касарната и се бранеле. Бидејќи било бесмислено да се пука во камените ѕидови на зградата, Горскиот штаб решава да се запали касарната. Со градската пожарникарска кола биле напрскани со петрол и газија касарната и конакот, а потоа биле запалени. Но зградите, бидејќи од камен, не гореле.

По совет на Питу Гули биле фрлени стомни полни со петрол и газија, а по нив и запалени партали. Војниците што до последен момент пукале низ пушкарниците, изгореле заедно со зградата. Запалени биле и собите на колџиите. Сето тоа биле завршено до два часот попладне наредниот ден и тогаш Крушево е конечно слободно.

Шест дена мир и слобода

4

Се разбира, бележејќи го она што му го раскажувал Миле Станоев, Георги Баждаров ќе ја пренесе и атмосферата што владеелеа во слободниот град. Граѓани, граѓанки и деца излегле на улиците и се поздравувале со борците; едни оделе кон Штабот, други носеле на позициите храна и вода. Расположението со зголемувало уште повеќе кога се пренел гласот за големи успеси на востанието во Костурско и дека престои паѓање на аскерот и во Прилеп.

Во меѓувреме била избрана привремена управа на градот во која влегле трговците Теохар Нешков, Христо Петрушев и Мито Секулов. Задачата на управата била да се грижи за редот во градот, да собира пари, храна и друго. Целиот град се ставил во услуга на востаниците. А востаниците, односно четите, ги држеле сите патишта што водат во Крушево. Селани Турци кои не знаеле дека се случило востание, па доаѓале на пазар, биле претепани, а други се вратиле навреме, не се ни обиделе да влезат во градот.

Испратен бил проглас до турските села во кој им се соопштува дека турската власт е уништена, а тие се покануваат да бидат мирни сограѓани ако сакаат да се спасат. Неколкуте обиди на аскерот и башибозукот да се пробијат кон Крушево, и да ги разбијат востаниците, решително биле осуетени.

Од 6-ти до 12-ти август Крушевчани не биле вознеминувани со напади, а тоа значи Турците собирале војска за да се справат со дрската раја, рајата што кренала глава. Жителите на слободниот град иста така се подготвувале за одбрана, копале ровови, лееле куршуми и друго. Направено било и топче од дрво, бродирано од железарот Тодор Ставрев, кое, за жал, уште со првиот обид, станало прав и пепел.

На 11 август празничното расположение на Крушевчани било нарушено од лошо претчувство. Јата гаврани слетувале по куќите и улиците. Целото прилепско поле поцрнело од низами. Бахтијар-паша со 15 илјадна војска тргнал да го заземе непокрниот град. Нападот почнал од сите страни. Артилеријата напредувала по патот Прилеп – Крушево. Одредот што се пробивал по кичевскиот пат бил поддржуван од брдска артилерија.

Судирот почнал на 12-ти август утрото. Пред тоа бил пратен гласник кој ги повикал востаниците да го положат оружјето и да се предадат. Востаниците со презир ја одбиле понудата. Артилеријата почнала да сее смрт сред позициите на четите. За секој случај бил гаѓан и градот. Една граната паднала врз црквата, друга врз куќата на Никола Ивановски.

Сепак, најголемата битка се водела на Мечкин камен. Питу Гули паднал убиен заедно со речиси сите свои момчиња. Се спасиле само седумина. Ѓурчин водел битка на патот Прилеп-Крушево, Ташко Карев на Длабока река, а началникот Георги Стојанов на Слива. Но, бројната и техничка надмоќност на непријателот е огромна. Горскиот реонски штаб видел дека во никој случај не може да биде задржан градот и наредил повлекување.

Со четите тргнале да се повлекуваат и граѓаните – мажи, жени и деца. Победничката војска и башибозукот тргнале во грабеж, а веднаш потоа ги запалиле ограбените куќи и дуќани. Изгореле околу 300 куќи и дуќани, сите во долнитот и средишниот дел на градот. Додека палачите стигнале до горниот дел, кој е блиску до коријата па се плашеле да не бидат нападнати од востаниците, стигнала и заповетта да сопрат со насилството, пишува Георги Баждаров, соработник на Гоце Делчев и Тодор Александров, додавајќи дека Крушево било слободно цели десет дена.

„Колку радоста била голема во почетокот, толку тагата била посилна на крајот. Семејствата што биле скриени во блиските и во подалечни шуми, вториот и третиот ден по задушувањето на востанието почнале да се враќаат во градот. Меѓу вратените бил и Григор Божинов, член на Горскиот востанички штаб. Самиот факт што тој се вратил со народот и не бил предаден на власта, покажува дека моралот останал висок и по таа голема катастрофа“, заклучува Баждаров.

5

Илинденското востание во Костурско траело два и пол месеци!

Според Георги Баждаров, македонското населени во костурско зело масовно учество во големото Илинденско востание, давајќи најмногу борци во востнието, но и претрпувајќи најголеми страдања и загуби. За разлика од другите реони, каде што востаничките акции траеле само неколку дена или максимум две недели, во костурско Илинденското востание траело близу три месеци без да биде задушено, односно воените дејства се прекинати на 14 октомври, по заповед на Главниот востанички штаб.

Значи, за разлика од акциите во Крушево, на пример, каде што востаниците претрпуваат пораз по десет дена, прифаќајќи капитулација, востаниците во костурско водат партизанска војна, која ја прекинуваат самите. До 14 октомври, кога Главниот востанички штаб донесува одлука за престанување на воените дејства, борците учествуваат во 17 битки во кои 4.170 востаници се судриле со 30.360 турски војници. Убиени и ранеи се 83 востаници и 513 турски војници. До прекинот на борбите биле запалени 2.750 куќи или околу 27 отсто од вкупниот број куќи во костурско. Без свој дом останале 15.650 души, а животот го загубиле 413 луѓе, убиени во одмазнички турски акции по селата.

Без намера да се намалува значењето на битката за Крушево, сепак, понекогаш, треба и праведно е да се сетиме и на другите македонски жртви и во другите делови на Македонија, а особено на востанието во костурско кое било најмасовно, траело најдолго, а костурчани дале и најголем број жртви во илинденската битка за ослободување на Македонија.

Блаже Миневски

mia.mk

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1