Нов предлог за решавање на двете ургентни предизборни прашања. СДСМ ќе даде преодна оценка за методологијата за пречистување на избирачкиот список што ја предложи ДИК во замена за нов закон за медиумската сфера. Останатите три партии побарале време да размислат за предлогот како основа за натамошни преговори.
-Има интересен развој, ВМРО прифати да ги започне разговорите врз основа на предлогот кој го претставивме претходно, во Декември. Мислам дека тоа е значаен чекор напред, сега барем има подготвеност да се започне со работа на тоа. СДСМ ќе ги подготви целосните предлози во законска форма и ќе ги достави до останатите партии за дополнителни консултации. Затоа се надевам дека доколку има волја, ќе оствариме значаен напредок во наредните денови, изјави европскиот медијатор, Питер Ванхауте. Медијаторот Ванхауте потенцира дека ако не биде оставено доволно време за подготовка на изборите, тоа може да биде проблем. Но најважно е да се стигне до добри решенија
-Сакам нешто јасно да им кажам на сите во земјата, изборите кои не се инклузивни, на кои не сакаат и нема да учествуваат сите партии, тоа е проблем за демократијата и иднината на државата. Затоа ги охрабруваме сите партии да ги преиспитаат своите позиции, но тоа не е само одговорност на опозициските партии, туку исто така е одговорност и на владеачката коалиција, да го направи учеството на изборите атрактивно за опозицијата, додава Ванхауте.
Ванхауте смета дека не е тешко да се постигне договор, ако сите учесници се раководат од демократските стандарди и од европските вредности. Преговорите ќе продолжат во вторник, кога медијаторот се враќа од Брисел.