Домати, пиперки, текстил, па дури и шрафчиња нема да може да се продаваат на пазар без да се правилно декларирани. Тие треба да бидат безбедни за здравјето на луѓето, да имаат висок степен на заштита на јавните интереси и, пред сè, да ги заштитуваат потрошувачите, пишува Дневник.
Ова се само дел од принципите на кои се засноваат измените на Законот за надзорот на пазарот, кој го предлага Министерството за економија, со што нашата регулатива се усогласува со таа на Европскиот парламент и на Советот. Се предвидуваат ригорозни контроли, односно формирање координативно тело со 12 члена од сите инспекторати, кои ќе бидат надлежни за контрола на сè што се продава.
– Со ставање или со прикачување на ЦЕ-ознаката, производителот посочува дека презема одговорност дека производот е согласно сите закони и правилници. Ставањето ознаки, знаци или натписи на производот со кои ќе се доведат во заблуда трети страни во однос на значењето или формата на ЦЕ-ознаката е забрането – стои во законот.
Со ова ќе заврши препродавањето на пазарчињата од ситни земјоделци кои пример доматите од малата бавча ги препродаваат. Доколку сакаат да продаваат ќе мора да ја поседуваат споменатата декларација. Сепак некои од овие одредби на предлог законот би стапиле на сила дури по влегувањето на Македонија во Европската Унија.
Повеќе на – Дневник