Автомобили паркирани по тротоари, булевари, тревници, пешачки премини, турнати сообраќајни знаци, блокирани влезови од станбени објекти и мал милион вакви и слични фотографии од возачите во Скопје секојдневно се објавуваат на “Ѕидот на сообраќајниот срам” на Фејсбук.
Жителите, очигледно револтирани од недостигот на сообраќајна култура во градот и кршењето на прописите за возење по безброј пати на ден, решиле да ја формираат оваа отворена група каде што споделуваат и дискутираат за лошите навики, проблемите на улиците и предизвиците во сообраќајот со кои секојдневно се среќаваат.
Групата функционира некаде околу 4-5 месеци, а досега има 6.600 членови, бројка која секојдневно се зголемува. За тоа какво е однесувањето на возачите во главниот град говори фактот дека секојдневно на “Ѕид на сообраќајниот срам” се објавуваат огромен број слики од прекршоци по скопските улици.
– Постирајте ги сликите и видеата од прекршоците на нашите сограѓани возачи. Правилата за тоа кои постови не се дозволени се следните: говор на омраза на верска, родова, географска, етничка или политичка основа не се толерира; безобразни зборови и квалификации; а постови кои не се поткрепени со фотографија ќе бидат отстранети, се едноставните правила за членовите во оваа група.
Дека никој не е поштеден од јавното изложување на сообраќајните прекршоци потврдуваат и многубројните слики од полициски автомобили кои можат да се видат меѓу постовите.